Велигден е најголем празник на православните христијани во Македонија. Точниот датум на овој празник не е фиксен, но без оглед на датумот, секојпат се слави во недела. Петокот пред Велигден или Велики Петок е неработен ден само за православните христијани, а понеделникот после Велигден или Прв ден Велигден е државен празник односно неработен ден за сите граѓани на Македонија.
Одбележувањето на овој празник започнува уште во четвртокот пред Велигден, кој се вика Велики Четврток. На Велики Четврток жените стануваат рано, пред изгрејсонцето и вапцаат (фарбаат) најмалку 3 јајца со црвена боја. Првото вапцано црвено јајце го вртат кон изгрејсонцето за да го облеат првите сончеви зраци и го чуваат во својот дом се до следниот Велигден, бидејќи се верува дека носи здравје и среќа. Оние кои имаат мали дечиња, со ова јајце на Велика Сабота откога ќе ги избањаат наутро, ги поминуваат по обравчињата 3 пати и притоа изговараат: „Црвено, бело“, за нивни деца да бидат здрави.
Следниот ден, Велики Петок, луѓето одат во црква за да запалат свеќа и за да се протнат под плаштеницата. Плаштеница е маса украсена со икона и цвеќиња и го симболизира гробот на Исус Христос. Протнувањето под неа значи изразување почит и верба во Исус Христос и се верува дека носи здравје на сите оние кои ќе поминат под неа . Секој остава по едно црвено јајце, малку ситни парички и свежо цвеќе на плаштеницата. Овој ден е најтажниот ден кога не бијат камбаните и кога е строг пост.
На Велика Сабота, луѓето ги прават последните подготовки за Велигден. Тие вапцаат јајца, но овој пат не само црвени туку и во други бои од кои најчести се сина, жолта, зелена и виолетова. Јајцата ги украсуваат со шарени сликички или ситни кристалчиња. Јајцето за Велигден е симбол на воскреснувањето, а црвената боја ја симболизира радоста при веста за неговото воскреснување. Вечерта на Велика Сабота сите луѓе одат пред црквите со вапцано јајце во џебот и запалена свеќа во раката. На полноќ биењето на камбаните го означува воскресението и поповите им го честитаат празникот Велигден на наспобраните луѓе. Потоа сите се кршат со вапцаните јајца што ги донеле од дома. Оние кои постеле 40 дена сега прв пат се омрсуваат. Со ова започнува славењето на Велигден.
Следните 3 дена – недела т.е Велигден, понеделник и вторник т.е Прв ден и Втор ден Велигден, наместо добро утро или добар ден, луѓето поздравуваат со поздравот: „Христос Воскресе“, на што се отпоздравува со „Вистина Воскресе“. Семејствата подготвуваат празничен ручек со традиционални јадења како што се велигденска салата и печено јагне. Велигденската салата се прави со марула, млад кромид, ротквици, вапцани јајца, оцет, сол и зејтин. Овие денови се посетуваат роднините и пријателите при што како подарок им се носат онолку вапцани јајца колку што брои членови нивното семејство. Посетените исто така возвраќаат со подарување на нивни вапцани јајца. Овие денови кршењето со јајца е редовен ритуал и прераснува во натпревар на кого ќе му се падне најсилното (најцврстото јајце) со кое ќе ги искрши сите останати. Децата особено се радуваат на оваа игра. Се разбира, потоа останува предизвикот да се изедат сите тие искршени сварени вапцани јајца.
(со голема благодарност на Билјана Јадровска)