По православниот календар, во февруари е празникот Прочка - Велики Поклади. Секоја година е на друг датум но секогаш е седум недели пред Велигден. Празникот е поврзан со значајни народни обичаи.
На овој ден помладите бараат прочка од постарите за направени гревови и грешки во тек на изминатата година со зборовите ‘Прости ми’ и со бацување рака. Постарите одговараат со ‘Простено да ти е од мене и од Господ.’ На овој ден обично се јадат безмесни јадења, пита-баница со сирење, пржени јајца, разни јадења со сирење и јајца, и се вика сирна недела. На овој ден пита се дели и на бедните и се вика ‘умрело дете за баница’.
Вечерта почнува со обичајот амкање јајца. Семејството се собира околу трпезата. Се закачува едно излупено тврдо варено јајце на конец на таванот, доволно долг конец да паѓа на трпезата. Конецот се занишува и членовите на семејството без употреба на рацете треба да го амнат (загризат) со уста јајцето. Кој ќе го амне јајцето цела година ќе биде среќен. Конецот потоа се пали за секој член на семејството и колку ќе гори, толку ќе живее. Додека гори конецот, семејството брои по 10, 20, 30 години и така натака...
Целата припремена храна вечерта мора да се изеде, бидејќи од понеделник почнуваат Велигденските пости. Во некои предели во Македонија младите кога одат кај роднините да бараат прочка, носат портокали, јаболки, лимони, или билокое друго овоштие.
Вообичаено е на овој ден да се прават карневали. По улиците, во паркови, младите преоблечени во разни маски и облеки се шетаат се до вечерните часови, кога се одбираат најубавите маски, се палат огнови, се веселат, и играат околу огновите. Огновите се викаат каравештица, нивното значење е да се ослободат луѓето од злите духови.
(со голема благодарност на Миомирка Михајлова Беламариќ)